Македонија Црна хроника Култура Живот Спорт Свет Скопје Здравје и убавина АВТОМОБИЛИ
Архива
БАРАЈ:
ОД
ДО

15.04.2017, 08:21

ИСКРЕНО СО НАУМ ПЕТРЕСКИ ПРЕД ЈУБИЛЕЈНИОТ КОНЦЕРТ ВО "МЕТРОПОЛИС АРЕНА"

Порано имаше душа, сега сe е празно

Реткост е да знаеш да пееш од дијафрагма, а притоа да немаш музичка школа каде што би го учел таквото пеење. Е тоа го има фолк-ѕвездата Наум Петрески и цели 30 години љубителите на убавата македонска фолк-музика уживаат во песните испеани од неговото грло ненапеано. Но таков е Наум, како што вели самиот, ако може помалку да зборува, а повеќе да пее. Таков глас, каков што има тој од Господа даден, недостигаше уште откога Кирил Манчевски, Александар Сариевски и Никола Бадев заминаа во легендите. И дојде ден да се прослави јубилејот во "Метрополис арена", место каде што никој друг фолкер не се осмелил да направи солистички концерт, и тоа во време кога фолк-музиката е на маргините. Номче наш, како што го нарекуваат, подготвен е во живо да ги запее: "Има ли песна", "Жал за Деспина", "Лична Јовано", "Птицо бела", "Лено Ленче", "Оди, ѕвездо" и песните од последниот албум "Грло ненапеано".

Ти си првиот домашен фолк-пејач што ќе одржи концерт во "Метрополис арена", нели е голем залак тоа?

- Во Универзална сум правел, таа е најубавата сала, но не работи и затоа правам во оваа. Мислам дека ќе се наполни. Според продажбата на картите, речиси е полно. Не мислам дека е голем залак. Не правам концерт секоја година и затоа мислам дека ќе се наполни. Имам најавено гости и од Америка, Австралија, Босна, Србија и од многу европски држави. Организирано, со автобуси, ќе дојдат од Благоевград. Знам дека состојбата со фолкот не е најблескава, па и прекинот од неколку месеци што го имаше, но ние, пејачите, немавме ништо со тоа. Ние бевме само оштетена страна.

Зошто не се почитува фолкот кај нас?

- Затоа што не се произведува толку квалитетна фолк-музика, туку пошунд.

Па твојата "Оди, ѕвездо" не е шунд, требаше да ја отпее Андруш за потоа да стане хит.

- Тоа повеќе е проблем со нашите медиуми, не е со пејачите. Јас и направив концерт под името "Оди, ѕвездо". Не верувам дека некоја телевизија воопшто го емитуваше тој концерт. Спотот и песната беа дадени по сите медиуми, но не сакаа да ги емитуваат. Ние немаме телевизија што пушта ваква музика, односно немаме емисии каде што ќе се пушта фолкот.

Кога ќе се спомене твоето име, се знае дека станува збор за пејач што пее исклучиво македонска музика. Правиш журки со свои и со староградски песни. Не мислиш дека е ризик тоа, бидејќи македонската музика се заобиколува?

- Јас последниве години не пеам по ресторани. Моите настапи се сведени на семејни прослави, и тоа само како гостин од околу еден час. Настапувам исклучиво со мои песни и не ни сакам да учам такви песни какви што се во тренд сега. Знам дека кај нас се пее сe и сешто, ама јас не се гледам себеси во тој свет. Затоа, пак, сум среќен кога ме бараат, знам дека ме бараат за моите песни и за старите македонски изворни песни. Пеам и добри, стари босански, српски или врањански песни. Но не пеам сe и сешто. 

Задоволен ли си од твојата кариера?

- Со оглед на сите транзиции што ми се случија, можам да кажам дека сум задоволен. Работев во многу потешки услови отколку што работеле порано. Како за сам пејач без менаџер, бидејќи "Аворд" застана зад мене дури пред 10 години, добро е. Јас 20 години сам туркав, како што туркаат и сите мои колеги. Но со продукција зад тебе е многу подобро, порелаксирано.

Колку ти беше тешко на почетокот?

- Секој почеток е тежок, па и мојот. Немав никој, а МТВ беше само една и тешко можеше да се влезе во неа. Случајно излезе некои луѓе од МТВ да ме слушнат додека пеев на тераса во Струга и ми предложија да одам на аудиција. Заминав без никакви врски и препораки. Се запознав со други луѓе, кои, за жал, денес не се меѓу нас, како Мичо Божиновски, Јонче Христовски и Мате Грујовски. Мичо седна на клавир и ми рече: "Момче, што ќе ни запееш?" Тогаш ја почнав "Зајди, зајди" и среде песна, ме тргнаа настрана, ме одведоа во студио, ме слушнаа како пеам на микрофон и останаа фрапирани. На "Фолк-фест Валандово" во 1990 година ми беа понудени "Една песна јас да запеам" и "Што ќе ти е бекрија". Но "Една песна јас да запеам" ми ја зедоа од фестивалот и му ја дадоа на Милан Бабиќ, а мене ми остана "Што ќе ти е бекрија". "Една песна..." од раце ми ја зедоа. Оттогаш имам отпор кон некои луѓе од "Валандово", бидејќи ме тргнаа како аутсајдер, а немаа поим за моите квалитети. Но наредната година со "Има ли песна" им докажав дека згрешиле. 

Ги броиш ли песните и наградите?

- Не. Мислам дека имам некаде над 350 песни. Наскоро ќе почнам да ги собирам. Ексклузивно ќе кажам дека веќе има одобрено средства да издадам моја песнарка, сите мои песни во книга. Тогаш ќе знам. И наградите не ги бројам. Добивав многу награди. Па со "Има ли песна" добив награда за дебитант, интерпретација, втора од жирито и прва од публиката. А бев аутсајдер. Тоа е само показател дека на времето имаше некое мерило и дека немаше многу фаќање врски. Сега ми е жал за младите, кои се свесни дека сe е однапред наместено и е катастрофата од сe што им се случи на музиката и на фестивалите.

Која песна ти е најдрага?

- Секоја песна има своја историја, но првата ќе ми остане како најдрага. Таа се случи истиот ден кога бев на аудиција. Првично беше "Ѓорги бекрија", но ја сменивме во "Наум бекрија". Песна како за мене напишана. Текстот е на Драган Мијалковски, ама беше баш моја автобиографска. Како Драган да ме знаел цел живот. Но таа година се отпеа "Бисер балкански" и ги засени сите други песни. Мене прво ми беше понудена "Бисер балкански", демото е снимено со мојот глас, но поради "Една песна јас да запеам", ја одбив. Не знаев дека и другата ќе ми ја земат. Така е кога немаш врски. Бидејќи беше моја несудена песна, планирам да ја преснимам, но и во чест на Гоце, бидејќи многу се дружевме.

Се знае како живее светска ѕвезда. Кај нас го имаш епитетот фолк-ѕвезда. Па како живееш?

- Ма нема никаква споредба. Прво, ние сме многу мала држава. Кај нас сe се почитува, само уметноста не. Иако во Македонија има и луѓе што се разбираат од квалитетна музика. Знам која е публиката на моите концерти. Доаѓаат само луѓе што знаат што е музика. Кај мене нема правење циркус, туку се знае дека е вистински концерт со убава музика. Ако пееме сешто, кај ќе ни биде крајот? Освен тоа, кај нас не се чувствувам како ѕвезда. Таков прием имам во Србија и во Бугарија, таму кон мене се однесуваат како кон ѕвезда. Но кај нас не. Тоа, веројатно, е нашата македонска трагикомедија. Тоа е како комплекс на малите народи. Овде и Ричард Гир кога дојде, никој не го познаваше. Тој дури и сакаше да си купи стан во Охрид, убаво му било, никој не реагирал на него. Далеку сме од светски рамки, па дури и од нашите соседи. Сите многу брзо нe престигнаа. 

Зошто ги избегнуваш турнеите во Америка и во Австралија?

- Ги избегнувам зашто траат многу време. А и не се толку платени како некогаш. Јас не сум како некои мои колеги, кои сами си ги плаќаат авионските билети само колку да кажат дека биле на турнеја и потоа да кажуваат дека супер поминале. Сега е многу поразлично од времето кога одевме ние, кога нe пречекуваа со црвен килим на аеродром, кога беа вистински турнеи. А сега сe е депласирано. Се појавија менаџери што немаат врска со таа професија и се девалвира работата. Јас последен пат бев во Австралија во 2011 година, а во Америка во 2008. Ќе заминам кога ќе имам вистинска, професионална понуда. 

Ти ги одбиваш и новогодишните понуди и настапите на плоштадите?

- И тоа е понижувачки. Подобро ќе пеам на свадба за помалку пари отколку на плоштад за понижувачка цена. Многу фирми застануваат зад концертите на странски пејач, а за нас ни денар не се дава. Концертов го правам благодарение на пријатели што ја сакаат мојата музика, го сакаат фолкот, а се сопственици на фирми.

Редовно настапуваш на политички кампањи, и за едните и за другите. Едни го оправдуваат тоа, други, пак, велат дека не треба да се мешаат музиката и политиката.

- Сум настапувал и ќе настапувам, таму каде што повеќе ќе платат. Никогаш не сум бил член на ниту една партија, ама живеам од музиката. Ако лично ме прашуваш, сметам дека треба да имаме една партија во која ќе бидеме сите Македонци заедно, да бидеме како едно. А сите работиме за пари. Јас не ја делам публиката политички. Ќе пеам за кој било, кој е подготвен да ја плати цената што ја барам со "Аворд продукција". 

Кога ќе се спомене твоето име, првата асоцијација е кафеаната: Наум бекрија, Наум боем, Наум?..

- Со добро друштво секогаш ми е убаво. Никогаш не ми било битно каде седам, туку со кого сум. Сме знаеле да заглавиме не до зори, туку по зори. Кога е убаво друштвото, не се гледа времето. Порано повеќе се седеше во кафеана отколку сега. На "Валандово", три дена немаше спиење по кафеаните во Дојран. Тоа беа убави времиња, имаше многу дружење, смеење и тешко дека некогаш ќе се врати. Никој не се заморуваше со политика, една релаксирана и убава дружба. Повеќе се одеше на фестивал поради кафеаните. Сега ги избегнувам фестивалите. Се чувствувам искористено, а ништо не добивам. Подобро ќе се повлечам, ќе си правам мои песни, ќе си снимам албуми и нема секој да ме нарекува "колега". Не ми се предизвик ни 20 000 евра како награда. Па парата никогаш не ми била најважното нешто. Сум победувал со награда плакета и ваза, но сум имал незаборавни дружења. Не сум тип што учествува во заткулисни игри. Порано имаше душа. Сега сe е празно. 

Среќен ли си приватно? Распеани ли сте дома, бидејќи сите сте пејачи, ти, Зуица, Македонска, Стефан, а и мајка ти, која живее со вас?

- Секако дека сме среќни. Во моментов, најмногу ја слушаме Македонка, пее низ цела куќа. И Стефан пее. Му купив електрична гитара. Едвај чека да му дојде некое другарче, да ја фати гитарата и да ни го вади мозокот. Има девет години и многу е интересен, смешен е. Дома сите си пееме. Славите без песна не поминуваат. Јас само за да славам повеќе и за да се дружам, летниот и зимскиот празник Свети Наум, како именден, ги славам во Струга, а куќната слава Пречиста ја славам во Скопје.

Ти годи ли епитетот најдобар фолк-вокал и како се грижиш за грлото?

- Секако дека ми годи. Сe е благодарение на гените. Мајка ми и татко ми пеат убаво и сe што научив, научив од нив. Јас немам музичко образование, сам научив да свирам хармоника и сам научив да пеам. Значи, за сe им благодарам на Бога и на моите родители. 

Твоето грло е богатство, не само за тебе туку и за македонската музика, како го штитиш?

- Ништо особено не правам. Од ништо не се воздржувам. Сe $ оставам на природата. Наутро обично пијам чаеви. Камилицата ми е фаворит за чистење на грлото, во комбинација со жалфија или со мајчина душица, со мед или со матичен млеч. Претежно органски чаеви. Пред две години имав циста, но, за среќа, бенигна и му благодарам на доктор Оровчанец, кој ја санира и сега сe е во ред. Јас не ни знаев. Заминав на чистење на грлото, но цистата била скриена. Откако се разбудив, ми кажаа што се случило.

Последниве години, поради твојата страст кон ловот, постојано си во конфликт со "Анима мунди".

- Не ми е ловењето толку пасија колку што се пешачењето и дружењето. Тоа го правам за одржување на кондицијата. Досега не сум утепал ништо, ниту едно животно. И тоа што се сликав со отепана дива свиња, за која имаше реакции, е само за сликање. Се сликав дека, ете, и јас сум во таа група. Инаку не сум човек што така лесно би дигнал пушка и би убил. А на риболов одам редовно. Но и тоа, пак, е повеќе заради дружење. Ставаш трска и рацете ти се слободни за да можеш да си пиеш ракиичка и да си мезиш од салатата. Па на крајот и скара. Сето тоа со убаво друштво. А здраво се хранам. Јадам здраво свинско, здраво прасечко, здраво телешко. Сe домашно.. Ха, ха, ха... А она што се случи со "Анима мунди" е што погрешно ме разбраа. Не повикав на труење, туку на ловење и на згрижување на кучињата скитници. Така сите би биле безбедни и не би доаѓало до вакви проблеми.

Кои се твоите планови?

- Струга и Охрид ми се на срце, таму сум релаксиран и без обврски, ограничувања и метеж. Уживам кога пијам кафе покрај езеро. Таму сe е побавно. Искрено, едвај чекам пензија. Мислам дека уште 10 години активно ќе пеам, а потоа ќе се занимавам со млади таленти. Мислам дека ќе земам неколку деца кај кои ќе почувствувам дека има потенцијал и ќе ги подучувам. Покрај талентот, и јас сум учел и крадел од колегите како што се Кирил Манчевски, Никола Бадев и Александар Сариевски. Таа музика не смее да се заборави. Тоа ни е коренот, а ако немаш корен, не си ништо.

Весна Миленковска
Фото: Вангел Тануровски


Текстот е прочитан 4535 пати.
#

Електронско издание на Вест

Кликни за претплата

56-ти ден „За заедничка Македонија“: Да ја зачуваме нашата земја, во име на заветот на нашите предци (ФОТО)
Веќе 56 дена како граѓаните на Македонија го изразуваат својот револт пора...
Принцезата од Тајланд во посета на Македонија (Фото)
Принцезата од Тајланд, Маха Чакри Сириндорн, на покана на сопругата на пре...
ИЗЛОГ
Брод
Пишува Лејла САБИТ - Има најубав поглед на свет......

Во Франкфурт ќе се појави шестата генерација на "поло"
Септемврискиот Саем на автомобили во Франкфурт ќе му послужи на "Фолскваге...
"Пежо" ја одбележа титулата во женското рели со "208 блек едишн"
Одбележувајќи го освојувањето на титулата во ФИА рели шампионатот за жени,...

ОТВОРЕНО ЗА АУТИЗМОТ

 
    

Потпечени палачинки
Приготвување: пржените палачинки наредете ги во тавче. Ситно исечкајте ја ...
Site Meter